Во пресрет на одбележувањето на 17-ти декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, ние, сексуалните работници здружени во СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот и Здружението ХОПС–Опции за здрав живот Скопје, го посветуваме овој значаен ден на конечната правда за сексуалните работници по пресудата на Европскиот суд за човекови права Д.Х. и други против Северна Македонија.
Оваа година одбележуваме 5353 денови до правда.
Оваа година, по 16-ти пат гордо ќе маршираме низ улиците истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правда постои и на крајот може да биде задоволена.
МАРШ НА ЦРВЕНИТЕ ЧАДОРИ – 15.12.2023 (петок)
ПОЧЕТОК: 12:00ч
МЕСТО: НА ПЛАТОТО ПРЕД СПОМЕН КУЌАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА – СКОПЈЕ.
Со слоганот “5353 денови до правда”, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција “Сузбивање на улична проституција“ од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работници и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Сексуалните работници беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата, за време на целиот притвор, оставени без храна вода и пристап до лекови.
Вкупно 13 сексуални работници, со поддршка од ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, се охрабрија да поднесат тужба пред граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права. Конечно, во јули оваа година, 4 сексуални работнички добија заслужена победа пред Европскиот суд за човекови права.
Сексуалните работници, чекаа правда, и извојуваа победа што е од значителна важност за сите сексуални работници во државата, и во цела Европа.
Со слоганот “5353 денови до правда,” сакаме да испратиме порака до јавноста и институциите дека како една од најмаргинализираните заедници во државата заслужуваме почит и заштита како и сите останати граѓани и бараме еднаков хуман третман базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот на РСМ.
Онлајн Фејсбук настан: https://www.facebook.com/events/1756181501492828
Се гледаме во петок!