На 17.12.2021, ние сексуалните работници, здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите поддржувачи по 14-ти пат го организиравме традиционалниот Марш на црвените чадори.
Марширајќи низ центарот на Скопје, по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, повторно ја истакнавме потребата од итно донесување на нова правна рамка за регулација на сексуалната работа во Република Северна Македонија.
Бараме итна и неодложна декриминализација на сексуалната работа во земјата и признавање на човековите и работничките права на најстарите работници во светот.
Декриминализација значи поголема веројатност за сексуалните работници да живеат без стигматизација, социјална исклученост, и страв од насилство.
Бараме да бидеме препознаени од институциите и вклучени во процесот на креирање на најдобро законско решение за регулација на нашата работа, започнувајќи со измени на член 191 од Кривичниот законик и член 19 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир.
Како резултат на уште една успешна кампања за одбележување на овој значаен ден за сексуалните работници, СТАР го промовира видеото снимено за време на минатогодишниот марш: Марш на црвените чадори 2021.
Издавањето на оваа видео е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија во рамки на проектните активности на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Видео продукција: FlyCam продукција