Марш на Црвениот Чадор по повод глобалното одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници

12-тиот Марш на Црвениот Чадор го посветуваме на РОДОВО-БАЗИРАНОТО насилство.

Оваа година, традиционално, STAR – The first Sex Workers collective in the Balkans организира Марш на Црвениот Чадор по повод глобалното одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

Додека се приближуваме до овој значаен ден, се присетуваме на сите жртви на насилство низ годините и ја засилуваме нашата посветеност на постојаната борба за зголемување на видливоста и почитување на правата на сексуалните работници. Иако маршираме веќе 12 години, сепак сè уште сме невидливи за општеството и институциите. Институциите и понатаму се глуви на нашите барања и заложби за создавање на безбедни услови за живот и работа, иако имаат должност да им ја гарантираат безбедноста и здравјето на сите граѓани подеднакво. Нашите права треба да бидат загарантирани, бараме да бидеме признаени од законите за работни односи и слободно да пристапуваме до правдата и здравствените услуги.

Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажале дека жените и трансродовите сексуални работици се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Затоа, како и секоја година, ќе излеземе на улица да ја истакнеме нашата заложба за солидарност кон сексуалните работници и да ставиме крај на маргинализацијата и виктимизацијата на сексуалните работници.

МАРШ НА ЦРВЕНИОТ ЧАДОР
ВТОРНИК, 17-ТИ ДЕКЕМВРИ, 12:00 ЧАСОТ
МЕСТО: НА ПЛАТОТО ПРЕД СПОМЕН КУЌАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА

Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминација и насилство.

Придружете ни се и оваа година, да ги отвориме црвените чадори и заедно да маршираме против криминализацијата и насилството врз нашата заедница. Нападите, злоупотребувањата, силувањето и убиствата на сексуалните работници мора да запрат. Економската нееднаквост, системите на државно насилство и угнетување мора да запрат. Стигмата, дискриминацијата и криминализацијата што го прават насилството против нас мора да заврши.

Tags: , , , ,