По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, 31-ви март, Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица, ТрансФормА, го организираше својот прв марш, барајќи ги своите права, достоинствен живот и разбирање на оваа маргинализирана заедница. На маршот кој започна од пред Министерството за правда и заврши пред Управата за водење на матичните книги, присуствуваа лица од самата заедница, активисти и поддржувачи.
Овој значаен ден за трансродовите луѓе се одбележува насекаде низ светот и неговата цел е да се зголеми видливоста на трансродовите луѓе, да се почитуваат нивните права, да се препознае нивното постоење и да се слушнат нивните гласови.
ТрансФормА работи на градење на капацитетите на заедницата на трансродови лица, со цел истите да бидат свесни за своите права согласно законите, соработува со граѓанскиот сектор и е отворена за комуникација со институциите за заеднички да најдат решение за прашањата кои ги засега трансродовите лица во нашата земја. По неодамнешната пресуда во корист на трансродов маж од Македонија од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, нашата држава има обврска да усвои законска рамка за правно признавање на родот, и моментално токму тоа е главниот фокус на ТрансФорма. Трансродовите луѓе апелираат до институциите професионално да ги исполнат своите обврски со што оваа заедница ќе може на брз, транспарентен и лесен начин да добијат усогласени документи, како и сите други граѓани.
“Видливоста на трансродовите луѓе е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое колективно сите се залагаме“, изјави Лила Милиќ, активистка и една од основачите на иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица на денешниот прес кој се одржа во паркот пред Управата за водење на матични книги.