Гепардот својата енергија ја согорува од срцето. Повремено зрачи како страсна супернова. Го чека вистинскиот момент и никогаш не се откажува. Колку сила и енергија им даваш на другите? Веруваш ли во својата истрајност да го заштитиш она што е твое, тогаш кога е најважно? Креациите од новата колекција есен/зима ‘18/19 беа претставени со перформанс што ја слави убавината на различноста. Продефилираа индивудуи кои грабат со смел чекор, како на пистата, така и во животот.“ – напиша Ирина Тошева, модната дизајнерка која беше помеѓу првите модни дизајнери на Fashion Weekend Skopje 2018 која во својата ревија вклучи девојки кои не се професионални манекенки. Една од нив е и Лила Милиќ, трансродова личност која беше дел од ревијата на Ирина Тошева на овогодинешниот Fashion Weekend Skopje кој се оддржа од 1-4 Ноември во хотел Мериот.
Благодарение на разговорот со Лила, имаме можност да дознаеме повеќе за тоа како е да се биде единствената трансродова личност која настапила на еден ваков важен настан.
Можеш ли да ни раскажеш малку повеќе за тоа како дојде до соработка со модната дизајнерка Ирина Тошева?
Преку мои пријатели кои исто така лично ја познаваат Ирина. Ми раскажаа кој е всушност целокупниот концепт за нејзината ревија, дека станува збор за перформанс кој вклучува различни профили на личности кои се несекојдневни и кои општеството гледа поразлично на нив. Откако ми ја доловија нејзината идеја, стапив во контакт со Ирина. Бидејќи навистина ми се допадна тоа што таа сака да го постигне со нејзината ревија без двоумење прифатив да бидам дел од истата. Ми се отвори можност за поголема видливост како трансродова личност. На самата ревија учествуваа 11 девојки од кои 4 беа професионални манекенки, а другите седум учеснички беа девојки и жени кои на некој начин се отфрлени или дискриминирани од општеството поради нивниот физички изглед.
Како течеа подготовките пред и за време на ревијата?
Една недела пред ревијата се сретнав со Ирина Тошева. На средбата ги обработувавме деталите за мојот настап, се договаравме што ќе носам и како треба да изгледам. На самиот ден на ревијата подготовките почнаа уште од попладневните часови, имавме неколку проби, потоа шминкање, фризури и секако имаше дружење.
Што носеше ти на ревијата?
На ревијата носев долг капут, уникатен. Можам да кажам дека целата нејзина колекција за есен-зима 2018/19 беше уникатна и беше направена специјално за оваа ревија. Нејзините парчиња дизајнирана облека можете да ги погледнете во нејзиното ателје кое се наоѓа во Градскиот трговски центар.
Ќе може ли да ни ги опишеш твоите впечатоци од еден ваков важен настан?
Пред сè сакам да им се заблагодарам на организаторите на модниот викенд во Скопје кои ми ја дадоа оваа можност, исто така и на дизајнерката која иако никогаш не сум била манекенка ми ја даде целосната поддршка и веруваше во мене дека ќе се покажам во најдобро светло. Сакам да напоменам дека Ирина немаше претходно најавено какви девојки ќе учествуваат во нејзината ревија, и тоа беше изненадување за сите присутни. Сепак сакам да нагласам дека бевме сите супер прифатени. Можам да кажам дека таа вечер сите ги славеа различностите. Морам да признаам, дека чувствував страв на почетокот, сепак тоа е јавен настан, и незнам како луѓето ќе реагираат кога ќе видат трансродова личност на пистата. Ова се должи на моите лоши претходни искуства кога сум излегувала во јавност. Но за среќа, се испадна како што треба и како што доликува за еден ваков настан.
Имаш ли некаков план за во иднина, на пример да учествуваш повторно во некој настан од јавен карактер?
Се надевам дека ова нема да ми биде единствено вакво појавување во јавноста, и дека во иднина ќе има повеќе вакви можности каде што луѓето како мене ќе можат без страв и осудување да се појавуваат на важни настани од јавен караткер а со цел да станеме повидливи и прифатливи за општеството. Во декември, ќе има изложба на која ќе има и мои фотографии. Сè уште не е договорено како ќе се вика оваа изложба, бидејќи нејзините подготовки се сè уште во тек. Со изложбата сакаме да покажеме дека трансродовите луѓе постојат, и не сакаме да бидеме ние тие кои ќе се навикнуваат на општеството, туку општеството треба да се навикне на нас. И за наредна година имам планови, но рано е да се откриваат.
Фото кредит: Ани и Дими