„Компаративна анализа во однос на усогласувањето на националното законодавство со меѓународните норми, стандарди и конвенции за здравствени услуги кај малолетни лица“

СТАР-СТАР издаде „Компаративна анализа во однос на усогласувањето на националното законодавство со меѓународните норми, стандарди и конвенции за здравствени услуги кај малолетни лица“

Во рамки на своите проектни активности СТАР-СТАР спроведе и публикуваше компаративна анализа во која беа анализирани националните и меѓународни механизми за здравствена заштита и овозможување здравствени услуги на малолетни лица, но и беа утврдени недостатоците во националниот правен систем со што ќе се отвори простор за идна интервенција во националното законодавство со цел заштита и унапредување на правото на здравје кај малолетните лица. Правото на здравје, здравствена заштита и овозможување здравствени услуги на малолетни лица треба да претставува императив за секоја држава со цел да се обезбеди највисок стандард на здравје за децата и адолесцентите. 

Анализата ја утврдува потребата да се промовираат политики за обезбедување услуги ориентирани кон деца и млади засновани на специфичните развојни потреби и капацитети на децата, истовремено обезбедувајќи учество на децата на секое ниво на донесување одлуки, во согласност со нивната возраст и степен на зрелост. Ова подразбира активно учество на малолетните лица за прашања поврзани со нивното здравје, од причина што младите се доволно свесни и потребно е дополнително да бидат запознаени со сите предизвици поврзани со нивната здравствена заштита.

Националното законодавство на Република Северна Македонија не содржи посебни закони во кои се уредени правата на малолетните лица од аспект на право на здравје, здравствена заштита, социјална заштита и сигурност и овозможување здравствени услуги. Вакви одредби можат да се лоцираат во повеќе закони, но истите се генерални, од декларативен карактер каде се споменуваат малолетните лица без да се стави акцент на потребата од промовирање на правата на децата и адолесцентите од здравствен аспект.

Во недостаток на институционални мерки, единствената поддршка за специфичните потреби на децата и младите е овозможена од здруженијата на граѓани, онолку колку што им дозволуваат законските ограничувања. Потребен е сеопфатен и специјализиран пристап за здравствена заштита на деца и адолесценти, со особен фокус на сексуалното и репродуктивното здравје. Со усогласување на законите со потребите на децата и на младите значително ќе се олеснат можностите за воведување мерки и програми за заштита на нивното психофизичко здравје.

Анализата ја спроведе тим од повеќе правни експерти Јелена Кадриќ, Маја Стојаноска, Весна Стефановска, Мартин Сопронов и Марија Чекреџи, а ја уреди Кристина Дода од Институтот за човекови права. Издавањето на оваа анализа беше поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија.

Публикацијата во електронска верзија можете да ја прочитате и симнете овде