Ако споменеме сексуална работа и ако сте како повеќето луѓе, најверојатно сте замислиле жена. Не знам зошто повеќето од нас имаат тенденција да размислуваат за сексуалната работа како професија во која владеат жените, како и да е, сепак има многу мажи коишто се исто така дел од сексуалната работа. Некои од нив поради економски причини, некои поради забава и возбудливост, други поради незбебедни работни места, издржување на фамилија. Секако причините се секогаш различни.
Се смета дека во моментов има околу 42 милиони сексуални работници ширум светот, а од нив дури 20 проценти се мажи. Ако овие проценки се точни, тоа значи дека може да има дури 8 милиони машки сексуални работници.
Нелегалноста на оваа професија ги принуди мажите – сексуални работници да станат дел од оние категории коишто се најизложени на ХИВ и други сексуално преносливи болести, воедно и на поголеми закани по физичкото и менталното здравје.
Исто така стигмата, недостигот на информации, немањето доверба, стравот од можно сексуално засрамување, финансиските пречки, немањето здравственото осигурување, недостигот на достапност на услугите се причините сексуалните работници воопшто да не го посетуваат примарниот здравствен систем и приватните здравствени клиники.
Според последните истражувања, 85% од сексуалните работници користат здравствени услуги преку здруженија на граѓани.
Кога го прашавме еден сексуален работник зошто не оди во примарното здравство, тој изјави: „Таму ми е малце глупо да одам, па срам ми е, не сум опуштен малку. Не можам слободно да зборам”.
Сите ние сме одговорни за создавање на културата во која сексуалните работници се омаловажени, каде што насилството против нив не се сфаќа сериозно. Сите ние сме одговорни за тешкотиите со кои тие се соочуваат при пристапот до здравствена заштита и правда.
Преку изложбата и кампањата „Две од оние” го дигаме гласот за правата на мажите-сексуални работници, кои се особено ранлива група и ги потсетуваме институциите, дека треба да ја преземат одгворноста, да ги заштитат сексуалните работници и нивните човекови права од стигматизација и дискриминација.
Секој работник од секоја професија ги заслужува своите работнички права и пристап до јавно здравство – така и машките сексуални работници.