Кои се транс лицата во Република Северна Македонија и какви се нивните проблеми во општеството?

Трансродовите лица во Република Северна Македонија во моментов се наоѓаат во незавидна ситуација. Како дел од маргинализираната ЛГБТИК+ популација, не се заштитени од дискриминација и насилство врз основа на родов идентитет. Оваа популација е составена од многу разнолики групи, но недостигот од заштита и дискриминација се однесува на сите. Најголемите проблеми со кои се соочуваат овие лица се однесуваат на недостигот на закон за правно признавање на родот и присуството на дискриминација и стигма при добивањето на здравствени услуги.

Повеќе за ситуацијата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, и проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат, говори Предраг Јовановски кој е дел од транс заедницата:

Како влијае изразувањето на вашиот идентитет/припадност на група или заедница врз твојот приватен живот?

Многу лошо. Посебно со новите политички бранови во заедницата, повеќето од луѓето (дури и оние кои се по отворени) не сметаат за голема пропаганда. Реконструирањето на родовите норми и исклучувањето на бинарните форми и родот како едно цело конкретно парче, имаа огромно влијание врз мојот живот. За луѓето е тешко да разберат што е транссексуалност, нај едноставната форма. За нив е незамисливо да ги разберат другите родови форми, и со тоа прифаќањето доаѓа многу потешко, но и не во целост. Згора на тоа, тие нови политички бранови на одреден начин ги негираат веќе добро познатите бинарни идентитети (вклучувајќи го и мојот како транс маж, но исто така и идентитети на сите останати кои не се дел од заедницата). Тоа не носи во ситуација каде што јас како индивидуа повеќе не се чувствувам дека сум дел од заедницата, и другите луѓе кои не само што не осудуваат, туку и не мразат, баш заради тие нови политики кои во основа ги негираат нивните идентитети.

Кои се најчестите видови на стигма и дискриминација со која вашата заедница се соочува, и каде најчесто ги среќаваш?

Сметам дека нашата заедница многу добро е запознаена со сите форми на дискриминација во секој сегмент од животот. Првата и главната е булингот во училиште, која понекогаш не доаѓа само од соучениците туку и од авторитетите. Уште една позначајна форма е и невозможноста за пронаоѓање на работа, што ги доведува повеќето од луѓето во финансиска криза. Тука можам да ја споменам и невозможноста за изнајмување на живеалиште. Практично насекаде, од луѓето на улица до претпоставените во институциите, и главната причина за тоа е невозможноста да се промени секс маркерот во личните документи.

Дали твојата фамилија, роднините и пријателите знаат дека си трансродово лице?

Мислам дека да. Секако, со некои од нив никогаш не сум разговарал за мојот идентитет. Сите од моите блиски пријатели и роднини знаат за мене.

На која возраст започна со процесот на транзиција?

Јас всушност сеуште не сум започнал со хормонска терапија. Никогаш не сум имал социјален процес на транзиција бидејќи си го изразувам родот уште од рано детство. Започнав да си го користам машкото име и машки заменки кога бев 18.

Како мислите дека се третираат трансродовите лица во нашето општество?

Многу лошо. Можам да кажам дека тоа е продукт од неукоста. Не сите луѓе навистина знаат што трансродов идентитет значи и по defoult не третираат како ментално болни или пак како желни за внимание.

Дали сте имале лошо искуство со институции, или пак некоја немила случка/инцидент во јавноста во последните години поради промената на вашиот родов идентитет?

Да. Моите документи (името и секс маркерот) не се совпаѓаат со мојот родов идентитет и со тоа како изгледам. Имам различен третман од останатите скоро во секоја ситуација која захтева лична карта. Од многу лоши искуства, можам да ги издвојам граничните премини, неколку ситуации во банка, на факултет и една во теретана.

Колку безбедно се чувствуваш кога одиш по улица, или на некој јавен настан?

Се чувствувам безбедно во секоја ситуација што не налага лични документи.

Што мислиш дека им е најпотребно на трансродовите лица во Република Северна Македонија?

Нам ни е потребен закон за правно признавање на род, сеопфатна здравствена заштита, можност и финансиска поддршка за медицински потврдување на род, едукативна програма во образовниот систем која вклучува повеќе информации за родовиот идентитет.

Дали знаете некое здружение/организација каде што може да се обратите доколку ви требаат информации во врска со правни/здравствени/социјални аспекти и каде што можете да ја добиете поддршката што ја барате? 

Да, во сите невладини организации кои работат со ЛГБТИ популација.

Кои се твоите предизвици во животот како трансродово лице?

Првиот и главен предизвик е почетната точка за сѐ во животот. Како што кажав, моите документи сеуште не се усогласени, тоа претставува огромен предизвик во секој сегмент од животот, од факултет до наједноставните работи како што е одењето во теретана. Многу е потешко да се најде работа и да се биде финансиски стабилен. Секогаш е предизвик да се изнајми живеалиште. Во кратки црти, секоја ситуација што налага лични документи е предизвик, или пак со други зборови, да се биде социјално активен и да се искористат сите можности што ни ги пружа општеството е предизвик.

Tags: , , , , ,