ICRSE (Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа) ги повикува националните влади итно да дејствуваат со цел да им обезбедат на сексуалните работници, заедно со нивните семејства полесен пристап до социјална заштита за време на пандемијата КОВИД-19. Повеќето држави наметнуваат одредени ограничувања, самоизолирање и ограничувања на патувањето со цел да се спречи ширењето на Корона вирусот, а со тоа многу сексуални работници ќе се соочат со финансиски потешкотии, зголемена ранливост, сиромаштија или бездомништво. Ова значи дека сексуалните работници нема да можат да пристапат до заштитните превентивни мерки кои се предвидени за сите работници подеднакво, поради тоа што во повеќето земји сексуалната работа е криминализирана и стигматизирана.
Повеќето сексуални работници доаѓаат од заедници кои веќе се соочуваат со високо ниво на маргинализација и социјална исклученост, вклучувајќи ги оние кои живеат во сиромаштија, сексуалните работници – мигранти, трансродовите луѓе и корисниците на дрога. Сексуалните работници кои се примарни заработувачи во нивните семејства, или кои немаат други алтернативни средства за поддршка, се изложени на поголем ризик и принудени се да работат во далеку понесигурни и поопасни ситуации со цел да заработат и да преживеат.
Сексуалните работници од повеќето региони веќе известуваат за:
- Драстично губење на приходот;
- Затворање на работните места;
- Недостаток на финансиски средства за плаќање на основните потреби, за поддршка на членовите на нивните семејства како и сите оние кои зависат од нив;
- Немањето пристап до здравствени услуги наменети за заедницата, поради тоа што повеќето здруженија кои им пружаат помош на сексуалните работници ги имаат намалено своите активности или пак се целосно затворени поради пандемијата;
- Преземање на ризик за работа во небезбедни услови со цел да остварат профит.
За жал, оваа пандемија открива за начините на кои сексуалните работници се принудени да работат во несигурни околности, без заштитата што ја уживаат другите работници.
ICRSE ги поддржува напорите на владите за дадените препораки и ограничувања за заштита и контрола на преносот на Корона вирусот, сепак апелира до владите да ги земат во предвид и околносите на маргинализираните групи и да обезбедат мерки за заштита на лицата кои се социјално исклучени, а тоа се:
- Итна, соодветна и лесно пристапна финансиска поддршка за сексуалните работници во криза;
- Сместување на бездомни сексуални работници во итни случаи;
- Пристап до здравствена заштита за сите сексуални работници, без оглед на нивниот имиграциски статус.
Сите мерки поврзани со сексуалната работа мора да се засноваат на принципите на јавното здравство и човековите права и да се развијат во консултација со сексуалните работници и нивните организации со цел да се ограничат нивните негативни влијанија. Оваа невидена криза повикува на значајна соработка помеѓу сите сектори на општеството, вклучително и оние кои се најмаргинализирани. Само со вклучување на сексуалните работници, владите имаат шанса да работат на спречување на пандемијата.
„Сексуалните работници не се проблем, ние сме дел од решението“[:]