Каде се сексуалните работници? Теренска студија за исклучување од јавните политики на сексуалните работници и застапувачите за правата на сексуалните работници во Северна Македонија

Истражувањето за теренската студија „Каде се сексуалните работници?“ на Хана Блад, беше спроведено за време на нејзиниот двомесечен престој во Скопје, работејќи на нејзината дипломска теза и ја опишува моменталната состојба на сексуалната работа и сексуалните работници во Северна Македонија.

СТАР како прв и единствен колектив на сексуални работници во Република Северна Македонија, беше избран за домаќин на истражувачката студија, обезбедувајќи и блиски контакти на Хана со членовите на нашата заедница, кои учествуваа во теренското истражување со споделување на приказни и секојдневни искуства за односите со државните институции и граѓанскиот сектор.

Теренската студија опишува на кој начин сексуалните работници и застапувачите за правата на сексуалните работници го перципираат исклучувањето на сексуалната работа од јавните политики во државата и како таквото исклучување влијае на секојдневни искуства во односот со државните институции. Студијата беше спроведена преку мала теренска студија која вклучуваше полуструктурни интервјуа и директни набљудувања. Резултатите ги прикажуваат искуствата на секојдневното исклучување на застапниците за правата на сексуалните работници и сексуалните работници и демонстрираат несигурните односи со министерствата и државните институции, како и со актерите на граѓанското општество во Северна Македонија. Студијата ги покажува последиците од исклучувањето на сексуалната работа од јавниот политички дискурс што пак ги дехуманизира сексуалните работници и ја прави работата на граѓанските организации кои ги застапуваат правата на сексуалните работници да изгледа ирелевантна. Ваквиот пристап дополнително ги турка сексуалните работници и застапниците за правата на сексуалните работници во Северна Македонија на маргините.

Со теренската студија се опфатени и истражени следниве теми:

  • перцепцијата на учесниците во истражувањето за нерегулирањето на сексуалната работа и како тоа влијае на нивната работа и однос кон државните институции;
  • начинот на кој сексуалната работа е делумно дозволена да се дискутира само приватно;
  • препознавањето на сексуалните работници како клучна популација и признавањето на нивните сексуални и репродуктивни права во Северна Македонија во програмата за превенција на ХИВ, но и несигурноста на програмата и односите помеѓу граѓанските организации, државните институции и сексуалните работници;
  • искуствата на учесниците во истражувањето за исклучување на сексуалните работници од феминистичките организации и
  • нееднаквите односи на моќ помеѓу сексуалните работници и граѓанските организации наспроти државните институции. 

Теренската студија „Каде се сексуалните работници?“ е достапна на англиски јазик и може да се прочита/преземе на следниов ЛИНК.