Истражувањето за теренската студија „Каде се сексуалните работници?“ на Хана Блад, беше спроведено за време на нејзиниот двомесечен престој во Скопје, работејќи на нејзината дипломска теза и ја опишува моменталната состојба на сексуалната работа и сексуалните работници во Северна Македонија.
СТАР како прв и единствен колектив на сексуални работници во Република Северна Македонија, беше избран за домаќин на истражувачката студија, обезбедувајќи и блиски контакти на Хана со членовите на нашата заедница, кои учествуваа во теренското истражување со споделување на приказни и секојдневни искуства за односите со државните институции и граѓанскиот сектор.
Теренската студија опишува на кој начин сексуалните работници и застапувачите за правата на сексуалните работници го перципираат исклучувањето на сексуалната работа од јавните политики во државата и како таквото исклучување влијае на секојдневни искуства во односот со државните институции. Студијата беше спроведена преку мала теренска студија која вклучуваше полуструктурни интервјуа и директни набљудувања. Резултатите ги прикажуваат искуствата на секојдневното исклучување на застапниците за правата на сексуалните работници и сексуалните работници и демонстрираат несигурните односи со министерствата и државните институции, како и со актерите на граѓанското општество во Северна Македонија. Студијата ги покажува последиците од исклучувањето на сексуалната работа од јавниот политички дискурс што пак ги дехуманизира сексуалните работници и ја прави работата на граѓанските организации кои ги застапуваат правата на сексуалните работници да изгледа ирелевантна. Ваквиот пристап дополнително ги турка сексуалните работници и застапниците за правата на сексуалните работници во Северна Македонија на маргините.
Со теренската студија се опфатени и истражени следниве теми:
- перцепцијата на учесниците во истражувањето за нерегулирањето на сексуалната работа и како тоа влијае на нивната работа и однос кон државните институции;
- начинот на кој сексуалната работа е делумно дозволена да се дискутира само приватно;
- препознавањето на сексуалните работници како клучна популација и признавањето на нивните сексуални и репродуктивни права во Северна Македонија во програмата за превенција на ХИВ, но и несигурноста на програмата и односите помеѓу граѓанските организации, државните институции и сексуалните работници;
- искуствата на учесниците во истражувањето за исклучување на сексуалните работници од феминистичките организации и
- нееднаквите односи на моќ помеѓу сексуалните работници и граѓанските организации наспроти државните институции.
Теренската студија „Каде се сексуалните работници?“ е достапна на англиски јазик и може да се прочита/преземе на следниов ЛИНК.