Извештај од истражување: Проценка на компатибилноста на постоечките услуги за сексуално и репродуктивно здравје со потребите на сексуалните работници во Северна Македонија

Во склоп на програмските активности и стратешките определби за застапување за унапредување на здравствените права на сексуалните работници, СТАР-СТАР Скопје спроведе истражување за проценка на компатибилноста на постоечките услуги за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) со потребите на сексуалните работници во Северна Македонија, а се однесува на услугите овозможени преку граѓанските организации во рамки на Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија.

Во спроведувањето на истражувањето учествуваа и беа вклучени лица од заедницата на сексуални работници, како и претставници на граѓански организации кои даваат услуги за СРЗ на сексуални работници во Северна Македонија. Истражувањето беше спроведено во јуни и јули 2021 година, а извештајот за истражувањето беше изготвен во август 2021 година.

Ова истражување имаше за цел да ја документира компатибилноста на достапните услуги во граѓанскиот сектор за СРЗ со потребите на сексуалните работници и да дефинира клучни приоритети и решенија за унапредување на услугите за СРЗ за сексуалните работници достапни во заедницата преку граѓанските организации. Од анализата на прибраните податоци и информации и извештајот од истражувањето произлегоа следните препораки:

  • Граѓанските организации треба да бидат препознаени во законската рамка како даватели на услуги со цел обезбедување систематски континуитет и одржливост на услугите.
  • Да се обезбедат континуирани и сеопфатни услуги за СРЗ за сексуални работници преку промена на моделот на финансирање во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија.
  • Сексуалните работници и граѓанските организации треба да бидат активно вклучени во осмислувањето и давањето услуги. Моментално, недостасуваат формални механизми за вклучување на луѓето, заедниците и граѓанските организации на систематизиран начин, како на национално, така и на локално ниво.
  • Во рамки на граѓанските организации, давателите на услуги и самата заедница на сексуални работници треба да бидат консултирани во однос на услугите за да се процени прифатливоста на планираните активности.
  • Да се обезбеди и поддржи координацијата на услугите бидејќи честопати сексуалните работници имаат потреба од подолготрајна и покомплексна грижа достапна надвор од граѓанските организации. Моментално, не постои формален механизам за поврзување на клучните популации со здравствениот и социјалниот систем.
  • Да се обезбеди дисперзија на континуирани и сеопфатни услуги за СРЗ за сексуални работници надвор од Скопје.

Истражувачкиот тим кој беше составен од Симона Атанасова, консултант за јавно здравје и здравствени ситеми, Борче Божинов, Претседател на СТАР-СТАР Скопје, Ненад Мицов, Програмски раководител во СТАР-СТАР Скопје и Лила Милиќ, Координаторка за мобилизација, едукација и превенција на терен во СТАР-СТАР Скопје, упатува огромна благодарност до сите сексуални работници кои учествуваа во истражувањето и ги споделија своите лични искуства, ставови и перцепции, како и до претставниците од граѓанските организации кои беа интервјуирани како клучни чинители кои даваат услуги и работат на унапредувањето на грижата за СРЗ на сексуални работници.

Извештајот од истражувањето е достапен за читање и симунување тука – Извештај од истражување: Проценка на компатибилноста на постоечките услуги за сексуално и репродуктивно здравје со потребите на сексуалните работници во Северна Македонија

Ова истражување беше поддржано од  SWAN – Мрежата за застапување за правата на сексуалните работници во источна Европа и централна Азија.