СТАР-СТАР Скопје објавува конкурс за ангажирање на Програмски менаџер/-ка на неопределено време во Скопје.
СТАР-СТАР Скопје е граѓанска, невладина и неполитичка организација која ги застапува интересите на маргинализираните заедници во здравствениот, социјалниот и правниот систем во државата, со апсолутен фокус на сексуалните работници во Македонија. За потребите на организацијата во однос на реализирање на програмските и проектните активности на извршната канцеларија на СТАР-СТАР во Скопје и регионалната канцеларија во Гостивар, Ве покануваме да аплицирате за позицијата:
Програмски менаџер/-ка на неопределено времетраење, почнувајќи од 01.01.2021 година
Работниот ангажман е 35 часа во работната недела (пон-пет од 10 до 17 часот).
Основниот месечен нето надомест по основ на договор за дело изнесува 35.000 денари на неопределно време започнувајќи од 01.01.2021 година. Следствено на утврденото организациско скалило на плати и хонорари за надомест на труд за позиција Програмски менаџер/-ка која изнесува 35.000 – 45.000 денари, истиот може да биде зголемен во одредено работно полугодие, по претходно донесена одлука која е предмет на извршена евалуација на резултатите од работниот перформанс на кандидатот и доколку истиот покажува значителен придонес во програмскиот, стратешкиот и буџетскиот развој на организацијата.
Опис на ангажман:
Програмскиот менаџер/-ка управува со програмските и проектните активности на извршната канцеларија на СТАР-СТАР во Скопје и регионалната канцеларија во Гостивар, вклучувајќи:
- Управување, координирање и спроведување системска евалуација на проектните и програмските активности на извршната и регионалната канцеларија на организацијата во Скопје и Гостивар;
- Мониторирање на квалитетот на резултатите од проектните активности;
- Имплементирање и раководење со стратегијата за работа на СТАР-СТАР;
- Континуирана менторска поддршка на проектниот и/или работниот тим составен од лица припадници на маргинализирани заедници;
- Придонесување во развојот за имплементација на сродни стратешки планови, процедури и политики, заедно со Претседателот на организацијата;
- Спроведување на работниот план на организацијата, следење на работните активности и набљудување на нивната ефикасност;
- Учество во подготовка на релевантни проектни апликации и следење на напредокот на овие апликации;
- Прибирање на финансиски средства и комуникација со донатори, фондации и партнерски организации;
- Управување со персоналот доверен од Претседателот и спроведување периодична евалуација на нивниот перформанс;
- Регрутирање на волонтери за потребите на организацијата, и следење на нивниот перформанс;
- Застапување на интересите на сексуалните работници, визијата и мисијата на организацијата, преку учество на конференции, семинари и дебати во земјата и странство;
- Да го потпомага Претседателот во донесување на краткорочни одлуки кои не се од стратешки карактер за организацијата;
- Управување со програмските буџети на организацијата во тесна соработка со Административно- финансискиот менаџер на организацијата.
Отчетност и одговорност:
- За перформансите во изведување на своите работни задачи и за резултатите од сработеното, Програмскиот менаџер/-ка за својата работа известува до Претседателот на СТАР-СТАР, според претходно утврдени системски форми на известување.
Кандидат(к)ите треба да ги исполнуваат следниве услови и да ги поседуваат потребните квалификации:
- Да имаат завршено високо образование;
- Одлично да го владеат англискиот јазик (говорен и пишан);
- Да поседуваат најмaлку три годишно работно искуство во пишување и администрирање проекти со домашни и странски партнери;
- Да поседуваат нагласена способност и искуство во остварување деловна комуникација на македонски и англиски јазик;
- Одлично познавање на Microsoft програмите: Word, Excel, Power Point;
- Насоченост кон навремено извршување на работните задачи;
- Способност за извршување повеќе работни задачи истовремено и испорака во кратки рокови;
- Подготвеност за работа во тим составен од соработници кои припраѓаат на различни маргинализирани заедници;
- Искуството во работа со или припадност на некоја од маргинализираните заедници (сексуални работници/чки, ЛГБТИ лица, корисници/чки на дроги, лица што живеат со ХИВ), Комисијата ќе го земе во предност при селекцијата на кандидатите;
- Подготвеност да ги започне работните обврски од описот на ангажманот од 01.01.2021 и претходна задолжителна седумдневна обука и постепено превземање на обврските.
За предност ќе се смета:
- Претходно работно искуство во здружение на граѓани;
- Сензибилизираност и искуство во работа со маргинализирани заедници (сексуални работници/чки, ЛГБТ лица, корисници/чки на дроги, луѓе што живеат со ХИВ, итн.)
Начин на аплицирање:
Најдоцна до 10.12.2020 година заинтересираните кандидат(к)и треба да достават:
- професионална биографија на македонски јазик;
- писмо за мотивација на македонски јазик;
- потврда за познавање на англиски јазик (сертификат, диплома или друга потврда);
- препорака за позицијата од Здружение на граѓани/невладина организација во која давателот на препораката јасно ги истакнува вашите квалификации и искуство потребни за позицијата;
- други референтни докази со кои располага кандидатот (опција) за учество во имплементација на домашни и/или странски проекти.
Документите со назнака Конкурс за Програмски менаџер/-ка Ве молиме доставете ги најдоцна до 10.12.2020 година до 16 часот на следнава електронска адреса: bozhinov@starsexwork.org
Комисијата за избор на СТАР-СТАР Скопје ќе разгледува и одлучува само по оние апликации во кои кандидатите/ките ја доставиле комплетната барана документација. Само кандидатите кои ќе влезат во потесен избор ќе бидат повикани на разговор. Во зависност од изборот, организацијата го задржува правото да спроведе тестирање на искуството и знаењето на кандидатите. Ве молиме наведете телефон за контакт и електронска адреса.
Кандидатите/ките ќе бидат известени за резултатите, по електронски пат, во рок од 10 дена по затворање на Конкурсот.
За повеќе информации за работата, програмите и активностите на СТАР-СТАР на следниов линк: www.starsexwork.org
Конкурсот за вработување може да го превземете и во ПДФ формат.