Истражувачка Публикација: Животен Стил на Сексуалните Работници

Оваа публикација ги содржи клучните наоди од истражувањето на животниот стил на сексуалните работници од различни сцени (отворена и затворена) на сексуалната работа во Скопје. Беа спроведени интервјуа со мажи, жени и трансродни лица кои моментално се занимаваат со сексуална работа, со цел да се добијат детални информации во врска со нивното секојдневие, опкружување, интимниот живот, досегашните искуства во сексуалната работа и односот со клиенти, како и нивната психичка и физичка здравствена состојба. Квалитативната анализа даде различен приказ во однос на животиот стил и начинот на работа кај сексуалните работници, додека насилството, проблемите со клиентите, ограниченото користење на здравствени услуги се преовладувачки фактори кои ја отежнуваат нивната работа. Комбинацијата на овие
неповолни фактори ја зголемува веројатноста за социјална исклученост на сексуалните работници во општеството.

Сексуалната работа е непринудна продажба на сексуални услуги за пари или други материјални добра, помеѓу согласни возрасни лица. Сексуалната работа во Скопје се одвива на отворена и затворена сцена и опфаќа нудење ескорт услуги, сексуални услуги преку телефон, порнографија, стриптиз, еротска масажа и сексуални услуги преку интернет портали. Сексуален работник може да биде маж, жена или трансродно лице. Сексуалната работа е многу често игнорирана и неприфатена од општеството и државните институции, што придонесува до прогон, насилство, стигма и дискриминација врз сексуалните работници. Сексуалната работа не е призната како работа, што често ги принудува сексуалните работници да работат тајно и да се кријат, да не зборуваат отворено за својата работа, ниту со семејството, ниту со партнерите, плашејќи се да не бидат откриени. Токму ваквата перцепција од страна на општеството за сексуалната работа ги става сексуалните работници во најголем ризик. Многу често сексуалните работници кои работат на отворена сцена со цел да избегнат апсење или малтретирање од страна на полицијата се принудени да работат во поизолирани области, со што се впуштаат во уште понебезбедни услови за работа, изложени на секаков вид насилство, особено од страна на клиентите. Стравот од апсење и полициска злоупотреба исто така го ограничува времето и методите кои сексуалните работници ги користат за безбедна работа со своите клиенти.

При ова истражување се користеше метод на интервју со претходно издефинирани полуструктуирани прашалници со отворени и затворени прашања. Прашањата беа структуирани на едноставен и јасен начин и
приспособени на јазикот на испитаниците, со цел полесно да ги разберат.
Прашалниците беа категоризирани во 4 сегменти:

– Демографски податоци;
– Животен стил;
– Однос и работа со клиенти;
– Лично здравје.

Целото истражување “Животен стил на сексуалните работници“ можете да го симнете ТУКА.

Tags: , , ,