Кога ги потпрашавме Стари Скопјани, група на ФБ, да ни кажат дали се сеќаваат на некои ангедоти или места и локации што ги потсетуваат на дамите на ноќта, денес терминолошки сексуални работнички, почнаа да фрчат спомени и ангедоти.
Ристе вели дека дамите на ноќта биле:
„Во Маџир маало, каде што пишува „Три вили“, старите скопјани ја знаат како Киришанаа, кај Лукина колонија. Црвени фенери имало и на улицата по војната, Првомајска… пред тоа не знам како се викала, во близина на Борозан каракол, како и во близина на сегашната МРТВ. Црвени фенери имало и во „турско“, па оттаму сентенцата: „пусто турско 5 пари п…..“.
Некои ја споменуваат Нада од „Бристол“, додека некои раскажуваат ситуации од по неколку години. Андреј вели:
„Кога сме кај „Бристол“, пред едно 20 години, кога веќе не беше такво свратилиште, дремеме ние копиљаци од маало на клупи, и еден чика се вртка-се тртка и на крај ни приоѓа и ни вика: „Деца, абе ја 20 години бев у затвор, порано тука курви имаше? Да не знаете кај се сега?“
Светлана Трајковска пак кажува дека со години го задевале дедо ѝ, наводно и се пуштал на некоја жена на бег, бил поднапиен и со пајтон до дома го испратиле претепан.
Додека на социјалните мрежи најмногу се говори за ноќниот локал „Океан“.
Сево ова покажува дека дамите на ноќта биле дел од скопскиот живот. Многу бордели, многу ситуации, многу спомени. Но ние сакаме да ви раскажеме за „Океан“.
Она што ја поврзува нашата кампања, изложба и инсталација со „Океан“ се делата на големиот уметник Никола Мартиноски, исполнети со еротика, слобода, љубење.
Данило Коцевски е човекот кој оставил одличен запис за „Океан“ и Мартиноски:
„Газдата на „Океан“ го замолил славниот сликар Никола Мартиноски да му наслика ѕидни слики во локалот со еротски мотиви. Сметал дека тие еротски мотиви насликани од еден врвен мајстор како Мартиноски ќе придонесат за посебна атмосфера. Тоа се случило во 1935 година. По упорната работа на Мартиноски, сликите биле завршени, а веќе наредната 1936 година избил скандалот. Во печатот започнале да се појавуваат написи: Ова не е еротика, ова е порнографија. Овие дела на господинот Мартиноски немаат врска со еротиката ниту со уметноста. Порнографијата сака да ни се протурка како уметност. Иако делата на Мартиноски им се допаѓале на посетителите, власта била ригорозна и бескомпромисна кон нив. Барала да се поправат (голотијата) или да се премачкаат. Така се случил невиден парадокс. Во Скопје, со многу бордели и дами на ноќта, со легализирана проституција, проблем станале еротските мотиви од сликите на еден голем мајстор. Се јавиле закани со парична или затворска казна за авторот. Сѐ додека Мартиноски, со едно културно писмо не се обратил до управата на Бановината, во кое стручно објаснил дека е вообичаено низ целата историја на уметноста да се слика голото женско тело. Всушност, барал од власта да се прекине со таа невидена глупост да се прогонува уметноста. Објектот на кафеаната „Океан“ бил урнат по војната, во 1947 година. “
Нам по ова сведочење ни останува да ве повикаме на дружење со „Две од оние“ на 2 јуни во 21 часот во „Акантус, каде ќе ги погледнеме фотографии на авторките Лилика Стрезоска, Елена Фидановска, Анита Березњак и Ирена Мила. Воедно ќе можете да разговарате со дамите на ноќта, со тимот од Стар Стар, кои со задоволство би ви одговориле на секоја недоумица. И да ве потсетиме дека секоја соба, ќе биде своја приказна, со инсталации, со видеа, со диџеј сет со Соња Исмаил, со сангрија и шармот на „Океан“ и старо Скопје.