Елеонора Стојановиќ, Програмска директорка на СТАР

Колегиумот на СТАР ја поздравува одлуката на Комисијата за избор именувана од страна на Претседателот на Здружението, за избор и именување на Елеонора Стојановиќ за Програмска директорка на СТАР.

Со својата богата професионална биографија како и својот културен и граѓански активизам во кој не ретко ја среќаваме Нора низ годините, не останавме рамнодушни ниту кон нејзините лични заложби во унапредување на општествениот социјален, здравствен и правен статус на сексуалните работници во земјата. Нејзината експертиза од доменот на управување и раководење со граѓански организации, мрежи, неформални групи и проектни циклуси, нескромно ќе ја поздравиме како значаен двигател во развојот на отвореното и демократско општество.

Елеонора Стојановиќ (лево), како дел од координативниот тим на “Две од оние“ - изложба на фотографии со дамите на ноќта, 02.06.2018
Елеонора Стојановиќ (лево), како дел од координативниот тим на “Две од оние“ – изложба на фотографии со дамите на ноќта, во организација на СТАР – 02.06.2018

Елеонора Стојановиќ е еден од основачите и првата извршна директорка на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, препознаен стратешки партнер на СТАР во борбата за унапредување и застапување на правата на сексуалните работници. Меѓудругото, во својата биографија, Елеонора го бележи менаџирањето на првата и најголема програма за намалување на штети во југо-источна Европа, развој и имплементација на првиот проект за превенција од ХИВ/СИДА, вклучувајќи социјална реинтеграција и ресоцијализација за сексуалните работници во Република Северна Македонија и учество во меѓународно признати управни тела.

  • „Во изминатите три години, СТАР бележи значителен раст и развој на своите програми пренасочувајќи го нивното делување од локално на национално ниво. Во моментов СТАР имплементира осум проекти уживајќи ја довербата кај многу домашни и меѓународни партнери кои ја препознаа и ја поддржуваат нашата заложба како маргинализирани припадници во општеството. Со цел да можеме да ја задржиме истата, како и да ги оствариме зацртаните резултати и цели, неопходно беше да вклучиме стручен соработник кој ќе ми помага во менаџирање со проектните циклуси и организациски програми, управување со човечките ресурси во нашето семејство кое значително се зголеми, но и да ми помага во донесување на секојдневни одлуки кои понекогаш се од стратешки предизвик за организацијата. Во 2008 година, перидот на неформално основање на СТАР, Нора беше една од исклучително ретките личности која не припаѓаше на заедницата, но заедницата на сексуални работници ја прифати како своја. Впрочем, нашата прва визија и мисија како неформална група за прв пат беа ставени на хартија со помош на Нора. И благодарам на Комисијата за донесената одлука и покрај тешкиот избор на еминентни кандидати кои ги имаше, и цврсто верувам во одлучноста и успехот кој ни ги носи новата Програмска директорка.“  – изјави Борче Божинов, претседател на СТАР.

 

  • „Оваа можност ја сметам како за личен, така и за професионален предизвик, но и голема одговорност, затоа што успесите на СТАР во исто време се и заложба како истите да се продолжат и унапредат. Во последните две години, имав можност да соработувам со СТАР во успешно спроведување на проекти на полето на користење на новите медиуми и креативниот активизам. Имајќи предвид дека делиме исти вредности и ставови по прашањето за сексуалната работа, сосема храбро и одлучно започнувам да ги спроведувам одлуките донесени од страна на сексуалните работници и управните структури во организацијата.“ – изјави Елеонора Стојановиќ, Програмска директорка на СТАР.

Драга Нора, ти благодариме што застана со нас на маргините, и ти посакуваме добредојде во нашето семејство.

Tags: , , ,