На последниот ден од Конгресот на сексуални работници кој се одржа во Брисел (11-13.10.2022), претседателката на ИЛГА Европа, Евелин Парадајс ја најави новата Европска коалиција за права и вклучување на сексуалните работници. Коалицијата ја сочинуваат следниве 15 граѓански организации и мрежи на европско и глобално ниво: Aids Action Europe (AAE), Amnesty International, Correlation European Harm Reduction Network (Correlation EHRN), European Aids Treatment Group (EATG), European Digital Rights (EDRi), European Network Against Racism (ENAR), European Sex Workers’ Rights Alliance (ESWA), Equinox – Racial Justice Initiative, Fair Trials, Human Rights Watch, International Planned Parenthood Federation European Network (IPPF EN), International Lesbian, Gay, Bisexual, Trans and Intersex Association Europe (ILGA-Europe), La Strada International (LSI), Platform for International Cooperation on Undocumented Migrants (PICUM), and Transgender Europe (TGEU).
Сексуалните работници во Европа се соочуваат со високо ниво на дискриминација, насилство и кршење на човековите права. И покрај децениското самоорганизирање, градење и зајакнување на заедницата и застапување, сексуалните работници и нивните организации се многу често дискриминирани и стигматизирани од општата јавност. Застапувачите и бранителите на правата на сексуалните работници, кои се експерти за потребите на нивните заедници често се под закани и клевети. Гласовите на сексуалните работници ретко се слушаат, а нивните потреби ретко се задоволуваат од страна на креаторите на политики.
Организациите членки на новата Коалиција се водечки мрежи на граѓанското општество и организации за човекови права. Тие имаат децениско искуство и експертиза за заштита и промовирање на човекови права, сексуално и репродуктивно здравје и права, ХИВ, намалување на штети, ЛГБТК права, дигитални права, борба против трговија со луѓе, миграција, расна правда и кривична правда. Во овие бројни полиња на експертиза, сите 15 организации дојдоа до ист заклучок: криминализацијата не претставува решение. Само со усвојување на пристап за човекови права, декриминализирање на сексуалната работа и значајно вклучување на сексуалните работници и бранителите на правата на сексуалните работници во донесувањето одлуки, сексуалните работници можат да бидат заштитени.
Криминализацијата на сексуалната работа – вклучително и сексуалните работници, клиентите и трети лица – продолжува негативно да влијае на животите на сексуалните работници, а особено на нивниот пристап до здравје и правда. И покрај повиците на некои организации за „укинување на проституцијата“ со цел да се заштитат и „спасат“ луѓето кои продаваат секс, нема докази дека криминализирањето на сексуалните работници, нивните клиенти или трети лица имаат било какво позитивно влијание врз животот и човековите права на сексуалните работници. Напротив, повеќедецениските докази од академските истражувања, граѓанските организации и самите сексуални работници докажуваат несомнено дека репресивното полициско работење и криминализацијата – вклучително и криминализацијата на клиентите исто така познато како Шведски модел – директно влијаат на здравјето, благосостојбата и социјалната вклученост на луѓето кои продаваат сексуални услуги, особено оние кои се маргинализирани на повеќе начини, како што се сексуалните работници со различна боја на кожа, сексуални работници припадници на ЛГБТИК заедницата и недокументирани сексуални работници-мигранти.
Од новата Коалиција за права и вклученост на сексуалните работници се горди што се солидаризираат со сексуалните работници, застапувачите на правата на сексуалните работници и нивните организации и ги споделуваат препораките и барањата на сексуалните работници кои мора итно да се спроведат од страна на сите политички актери:
- Спротивставете се на сите закони и политики кои ја криминализираат или директно ја казнуваат во пракса консензуалната размена на сексуални услуги помеѓу возрасни лица за надомест, вклучително и криминализацијата на клиенти и трети лица;
- Заштитете ги сексуалните работници од масовен надзор од страна на корпорации и влади;
- Вклучете ги сексуалните работници и нивните организации во развојот и евалуацијата на законите, политиките и програмите кои влијаат на нивните животи;
- Поддржете ја самоорганизацијата и самоопределувањето на сексуалните работници;
- Финансирајте и обезбедувајте техничка поддршка на организациите на сексуалните работници и застапувачите на правата на сексуалните работници, во согласност со насоките на Европската унија за бранителите на човековите права;
- Финансирајте и поддржувајте го креирањето политики засновани на докази и личности за да се обезбеди еднаков пристап до здравје, домување, пристојна работа и правда за сите сексуални работници, без оглед на нивниот статус. Ова бара пристап заснован на права и социјална правда за справување со трудовата експлоатација, принудата, насилството и трговијата со луѓе, што вклучува заштитни мерки против спроведувањето на имиграцијата и пристапот до безбеден статус на престој.
Изјавата во целост можете да ја прочитате на официјалната страна на ESWA, на следниов линк: https://www.eswalliance.org/launching_european_coalition_sex_workers_rights_inclusion