Усвојувањето на законот за декриминализација на сексуалната работа од 2021 година во Викторија претставува историско достигнување за сексуалните работници во Австралија.
Сексуалните работници ја поздравуваат Владата на Викторија која го усвои предлог законот за декриминализација на сексуалната работа како најдобар модел за регулација. Со признавање на сексуалната работа како и секоја друга, на сексуалните работници кои живеат и работат во Викторија ќе им се овозможи да ги уживаат истите права и заштита како и секој друг работник во државата. Со децении, сексуалните работници се организираа и водеа јавни кампањи за декриминализација на сексуалната работа и се бореа против лошиот режим и строгите услови за работа на сексуалните работници. Сексуалните работници, без разлика дали работат самостојно или во бордели, мораа да се регистрираат во државниот систем и да добијат дозволи за работа, а со тоа беа принудени да прават погрешен избор и да работат по опасни и дискриминаторски закони, ставајќи ги во ризик сопственото здравје и безбедност. Оттука, декриминализацијата е глобално призната за најдобра практика на регулација на сексуалната индустрија.
Усвојувањето на предлог-законот ќе придонесе кон важни и итно потребни промени кои го подобруваат здравјето и безбедноста на работното место, пристапот до соодветна здравствена заштита, правда и безбеднос на сексуалните работници. Предлог-законот ја укинува криминализацијата на сексуалната работа и одредбите за дискриминаторско задолжително тестирање за ХИВ и СПИ и употребата на кондоми. Криминализацијата на сексуалните работници со законите за задолжително тестирање и употребата на кондоми ги прекршува човековите права на сексуалните работници и предизвикува дискриминација на работното место. Овие дискриминаторски закони не се засноваат на докази и се спротивни на најдобрите практики за јавно-здравствени пристапи.
Законот за декриминализација на сексуалната работа ќе го укине проблематичниот и неефективен Закон за сексуална работа донесен уште од 1994 година. Со Законот за сексуална работа од 1994 година долго се прекршуваа правата на приватност и доверливост, на слободен избор на вработување и на правични и поволни услови за работа, како и еднаква заштита и третман на сексуалните работници пред законот.
Со новиот закон, се укинува и условот за задолжителна регистрација на индивидуални сексуални работници што негативно влијае врз животите на сексуалните работници, и се задолжува Владата на Викторија да ги уништи тековните записи за регистрација на сексуалната работа до 10 мај 2022 година.
Благодарение на Фиона Патен, предводник на движењето за декриминализирање на сексуалната работа, член на Горниот дом на Парламентот во Викторија и поранешна сексуална работничка и Анди Медик, член на законодавниот совет на Викторија и неговиот тим кои работеа заедно со здруженијата на сексуални работници од Австралија, Виксен и Скарлет Алијанса, предложени се и неколку неопходни амандмани на новиот закон, според потребите и барањата на сексуалните работници во Викторија. Покрај уништувањето на регистарот за сексуална работа, со прифаќање на овие амандмани би се донела целосна декриминализација на сите сексуални работници, вклучително и сексуалните работници кои работат на улица, и би се обезбедила силна заштита против дискриминација со воведување на неопходните атрибути на „сексуална работа“ и „сексуален работник“, како и отстранување на произволните ограничувања за рекламирање кои влијаат на безбедноста на сексуалните работници.
Без овие амандмани, може да се каже дека Викторија сè уште не постигнала целосна декриминализација. Во текот на овој процес, сексуалните работници беа гласни и јасни дека нема да прифатат ништо помалку од целосна декриминализација на сите форми на сексуална работа, за секој член од заедницата.
И по усвојувањето на Предлог-законот за декриминализација на сексуалната работа од 2021 година, сексуалните работници продолжуваат да се залагаат за виталните реформи кои ќе ги вклучува сите сексуални работници и за целосна декриминализација на сите форми на сексуална работа во Викторија и низ сите држави и територии во Австралија.