Минатиот петок, здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ организираше настан по седми пат за одбележување на Светскиот ден за борба против СИДА, 2018 под глобалниот слоган „ДОЗНАЈ ГО СВОЈОТ ХИВ СТАТУС! Настанот имаше за цел да ја подигне јавната свесност, да се намали стигмата за ХИВ кај општата јавност и да се поттикне навремено ХИВ тестирање кај секого што некогаш бил во ризик од ХИВ инфекцијата. Кампањата беше од добротворен карактер, давајќи можност за донирање на средства, со цел да се обезбеди директна поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ, а кои се наоѓаат во неповолна економско-социјална положба.
Голем број на поддржувачи, активисти и граѓани присуствуваа на добротворниот настан кој се одржа во Музејот на современа уметност на Македонија. Голема поддршка со нивното присуство дадоа и Министерката за труд и социјала Мила Царовска, Министерот за здравство д-р Венко Филипче и претставници на граѓанскиот сектор вклучени во имплементацијата на програмата за заштита на населението од ХИВ во Република Македонија.
Покрај значителниот напредок на полето на ХИВ, живеењето со ХИВ сè уште носи одредени предизвици. Луѓето кои живеат со ХИВ се соочуваат со дискриминација во своите домови, социјалното окружување и во системот на здравствена заштита. Кај широката јавност сѐ уште постојат погрешни верувања, митови и ирационален страв од ХИВ. Повеќе од половината од јавноста не знае правилно да ги идентификува начините на пренос на ХИВ.
Овој значаен настан кој беше организиран со поддршка од Министерството за здравство и Националниот координативен механизам има за цел да ја зајакне кохезијата помеѓу заедниците засегнати од ХИВ и да се создаде отворен и безбеден простор за надминување на интернализираната стигма и да се зајакне одговорот на заедниците кон прашањата околу ХИВ.
По повод одбележување на 1 декември – Светски ден за борба против ХИВ/СИДА, на 30 ноември се одржа и прес-конференција на која учествуваа министерот Венко Филипче, директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и национален координатор за ХИВ, д-р Милена Стевановиќ, д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје и Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
„Република Македонија оваа година беше препознаена, не само во регионот, туку и во глобални рамки, како земја пример за успешно партнерството помеѓу Владата, институциите и граѓанскиот сектор во справувањето со еден комплексен проблем како што е ХИВ инфекцијата, согласно препораките на Обединетите нации. Продолжуваме континуирано да работиме да ги унапредиме и другите аспекти во однос на ХИВ инфекцијата“, изјави министерот Филипче на прес конференцијата, повикувајќи ги граѓаните да се тестираат доброволно, доверливо и бесплатно во Клиниката за инфективни болести, центрите за јавно здравје и граѓанските организации кои работат на полето на ХИВ.
Во продолжение следат фотографии од настанот по повод одбележувањето на 1 декември – Светскиот ден за борба против СИДА:
ФОТО кредит: СТАР-СТАР