Основа на ова истражување се жени, мажи и трансродови сексуални работници кои добиваат пари или материјални добра во замена за сексуални услуги и кои свесно се вклучуваат во активности за генерирање приходи, дури и ако тие не сметаат дека сексуалната работа е нивна професија.
Истражувањето „Доброволна сексуална работа“ е во издание на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и истото е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија.
Главни цели на ова истражување беа да се соберат индивидуални податоци, перцепции и ставови на сексуалните работници во врска со доброволната сексуална работа и легализацијата на сексуалната работа, истовремено и да се подигне свеста кај општата популација за сексуалните работници, сексуалната работа воопшто, како и да се претстават позитивните и негативните страни на легализацијата на сексуалната работа.
Од вкупниот број на испитаници во истражувањето во трите сцени, односно отворената сцена, затворената сцена и сцената во Шуто Оризари, се дојде до заклучок дека сексуалната работа се смета како подеднаква на останатите. Финансиите за обезбедување на егзистенцијата, подобрување на квалитетот на живот, посветеноста кон децата, како и задоволувањето на различните индивидуални потреби се основна причина за започнување со сексуалната работа. Сето ова укажува на поголема и подетална промоција на сексуалната работа.
Секојдневието на сексуалните работници е подеднакво исто како и на луѓето од општата популација, за разлика од ставот на општата популација дека сексуалните работници се луѓе кои што не преземаат никакви обврски, неможат да бидат добри и посветени родители и сл.
Целата содржина од спроведеното истражување „Доброволна сексуална работа“ можете да ја погледнете/преземете ТУКА.