Во тек е настанот Umbəlla – Дваесет години активизам под црвени чадори (24.10.2021-30.10.2021)во Casa Punto Croce, Венеција, организиран од страна на Меѓународната мрежа за промоција на правата на сексуалните работници -мигранти (ТАМПЕП).
Црвениот чадор, глобален симбол на солидарноста на сексуалните работници, за прв пат бил употребен од страна на сексуалните работници и нивните поддржувачи во Венеција, Италија во 2001 година. Во рамки на 49-тото Венециско биенале, помеѓу 6-ти и 8-ми јуни во 2001 година, била претставена уметничка инсталација КОД: ЦРВЕНО на словенечкиот уметник Тадеј Погачар. За таа прилика, група на сексуални работници марширале по улиците на Венеција, држејќи црвени чадори, како дел од настанот „Павиљон на проститутките“, со цел да укажат на лошите услови за работа и злоупотребата на човековите права со кои се соочувале.
Маршот бил предводен од активистката Даниела Ману и организиран од непрофитната организација Комитет за граѓански права на проститутките (CDCP). Оттогаш, црвениот чадор станал симбол и меѓународен амблем на правата на сексуалните работници ширум светот. Симболизира заштита од злоупотреба и нетолеранција со кои се соочуваат сексуалните работници и претставува сила и отпор.
На овогодинешната програма за одбележување на Umbəlla „Дваесет години активизам под црвени чадори“, покрај серијата настани, ќе се одржи и изложба на фотографии од активисти, организации и сојузници кои во последните 20 години ја имаат прифатено борбата за правата на сексуалните работници преку уметнички и општествени дела.
Учество на оваа изложба која е во тек зема и СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, со фотографии од Црвениот Марш во изминатите десет години (2010-2020) кои ќе бидат прикажани како дел од глобалниот уметнички активизам во рамки на настанот. Сите овие години СТАР-СТАР Скопје и сексуалните работници маршираат со црвени чадори во центарот на Скопје, по повод одбележувањето на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП за насилството врз сексуалните работници.
Календар на настани во рамки на Umbəlla –Дваесет години активизам под црвени чадори:
Недела, 24 октомври: Марш на црвениот чадор на улиците во Венеција; Презентација на делото „КОД: ЦРВЕНО“ на Тадеј Погачар и презентација на книгата „Обединети под црвен чадор“ на Мајор и Робин Хауриса.
Четврток, 27 октомври: Настап на рок групата Le Zoccole Dure и настап на активистката и сексуална работничка Валентина ака Флуида Волф.
Сабота 30 октомври: Промоција на публикацијата „Naked and organized. Sex Work as Practice and Representation„ од Агнезе Реџиналдо, и проекција на фотографии од глобален активизам.