Денес го одбележуваме Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници. Оваа пригода ја користиме да нагласиме за потребата за признавање на нашите човекови права додека се бориме против насилството и угнетувањето врз нас како сексуални работници. Овој ден нè потсетува дека сме дел од глобалната заедница на луѓе кои одбиваат да ја прифатат дискриминацијата и стигматизацијата на нашата работа. Ја цениме поддршката што ја добивавме низ годините од поединци, организации и останатите маргинализирани заедници и продолжуваме во борбата за нашите човекови права.
Овој ден Стар- Првиот колектив на сексуалните работници на Балканот го одбележува со подкаст во кој зборува Моника, сексуална работничка од редовите на нашата заедница. Таа гласно зборува за тоа зошто се одбележува токму овој ден, какво значење има, кои права на сексуалните работнички се најчесто прекршувани,, каква би била нејзината работа доколку сексуалната работа е декриминализирана, со кои проблеми најчесто се соочува, колку и се смени нејзиниот живот откако ја откри маската и јавно проговори за својата професија? На овие и на многу други прашања низ спонтан разговор отворено зборува Моника на подкастот кој можете да го слушнете на линкот подолу.
За феминистичката платформа Медуза, Лила Милиќ, координаторка за мобилизација, едукација и превенција на терен во нашата организација, напиша авторски текст на тема “Зошто сексуалните работници го одбележуваат 3 март?” во кој пишува за правата на сексуалните работници, придобивките од декриминализацијата и почитувањето на работничките права на сексуалните работници, како и за тоа како можете да нѐ поддржите.
Дополнително креиравме промотивен материјал во форма на лифлети, кои преку нашите регионални координатори ќе биде споделен со заедницата, а кој содржи информации за базичните права на сексуалните работници и тоа како да се заштитат.