Гласот на Сексуалните Работници

[Овој текст е транскрипција од денешниот говор на сексуалната работничка по повод Маршот на Црвените Чадори во Скопје.
Ви го пренесуваме нејзиниот говор во целост:

Почитувани поддржувачи и претставници на медиумите,

Дозволете ми во името на неколку илјадници сексуални работници во Македонија да го кренам гласот против сите игнорирања кон сексуалните работници, за сите лоши политики кои само уште повеќе не буткаат на дното, за сите предрасуди и стигми кои стојат како мрачни облаци врз нашите глави, и да го кренеме гласот против оние кои спроведуваат двојни стандарди, осудувајќи го нашиот начин на избор, а истовремено уживајќи во нашите услуги.Престанете вашите морални вредности да ги вреднувате врз моите одлуки! Моите морални вредности ми велат да заработам за себе и мојата фамилија, ова е мојот начин: Да РАБОТАМ како сексуална работничка! Јас одлучувам за себе и своето тело! Јас одлучувам каков тип на услуга ќе продавам, институциите единствено можат да одлучат под какви околности истата ќе ја спроведам. Ние сме исто така луѓе-работници како сите вас, и ние имаме свои принципи донесени врз база на свои одлуки во оваа работа, итоа мора да се почитува! Вашите работнички прави се и наши права. Со овој настан одимето на сите мои колеги, би сакала да ве информирам за застрашувачката состојба за безбедноста и лошите услови во кои што ние живееме и работиме. Ние курвите и понатаму остануваме непријатна појава за државата, а вие и понатаму ги купувате нашите услуги.Наместо да не одбивате, понудете ни ја неопходната социјална и економска помош и поддршка која што ни е потребна.Целото Ваше угнетување влијае на нашиот дигнитет и човекови права и не доведува до константни закани како резултат на вашата негативна прецепција за нас. Стигмата дополнително не оттуѓува од институциите, од кои ни е потребна помош и поддршка. Ние и понатаму ќе останеме обесхрабрени да ги пријавиме силувањата, тепањата и уцените изаканите, а вие нема да го намалите криминалот.Повеќето земји од Европската Унија оддамна го признаа постоењето на сексуалните работнички. Тие се заштитени и имаат функционални системи за пријавување на насилства сторени од омраза врз сексуалните работници. Нашето занимање се најде во регистрите за вработување и кај нашите соседи од закоравениот Балкан. Во Македонија пак, полесно е да се молчи. Сите знаат каде може да се добие секс за пари, но нашето занимање и понатаму останува табу тема и активност која се казнува со закон. До кога, би сакала да прашам?

Ви Благодарам.