Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA) го објави својот нов брифинг извештај за „Влијанието на онлајн цензурата и дигиталната дискриминација врз сексуалните работници“ во рамки на својата програма за сексуална работа и дигитални права. Документот беше промовиран и презентиран на онлајн настанот на 28.02.2022 година, во организација на ESWA, а на кој присуствувааговорници од заедницата на сексуалните работници, граѓански организации и експерти. Во рамки на онлајн настанот, се одржа и панел-дискусија на тема онлајн цензура и нејзиното влијание врз сексуалните работници, на која учество зема и наша претставничка од СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот.
Учеството во панел дискусијата ни даде можност да ги истакнеме проблемите со кои СТАР се соочува при користење на социјалните медиуми, како што се честите забрани и ограничувања на профилите кои организацијата ги користи за промоција на правата на сексуалните работници, за промоција на работата и активностите на Здружението и теми поврзани со сексуалната работа. На панелот, споделивме и случаеви на онлајн цензорирање и дискриминација врз заедницата на сексуални работници при користење на Интернет платформи и апликации кои сексуалните работници ги користат за промоција и нудење на сексуалните услуги во нашата земја.
Наодите изнесени во брифинг извештајот за „Влијанието на онлајн цензурата и дигиталната дискриминација врз сексуалните работници“ се произлезени од консултации со 21 организација предводена од сексуални работници, од вкупно 17 земји, меѓу кои и СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот.
Извештајот е достапен на англиски јазик и може да го прочитате/преземете на следниов линк: https://www.eswalliance.org/the_impact_of_online_censorship_and_digital_discrimination_on_sex_workers