Велимир Жерновски : Ние мораме да ја градиме таа историја, но да ја градиме на основи на солидарност, љубов и сочувство, друг пат јас не познавам и не знам кој друг пат би бил вреден да се изоди !

Одбивајќи да го посматра родовиот идентитет како детерминиран од страна на претпоставената генетска или биолошка предиспонираност, Жерновски ја растетерува паланечката хабитуална сигурност на родовото позиционирање. Имено, следејќи ја аналитичката рамка на Пјер Бурдје, можеме да кажеме дека проектот на Велимир Жерновски им пркоси на ортодоксните претпоставки на хегемони социјални структури, и внесува колоритет кој го разбива, хетеродоксично, монохроматицизмот на родовите практики. Она што ваквиот проект го доведува радикално под прашање е токму хабитусот на машката доминација кој ги означува генеративните, структурирачките и структурираните структури создадени во сферата на нееднакви социјални односи на моќ и односи на нееднаква дистрибуција на различните форми на капитал, кои, додека се структурираат во одреден сексуален/родов систем, ги креираат рамките на вреднувањето, проценката, перцепцијата, разбирањето и моделите на „телесниот хексис“ (телесните навики на однесување кои се помалку или повеќе постојани), односно родовите телесни ставови. Избришаната историја на перформативна материјализација на родот, историјата која станува природа, Жерновски зајадливо на враќа од маргините на изречливото и видливото, и ги растетерува претпоставените темели на родовиот живот. Во овој контекст, станува можно оженственувањето на мажот, кои во крајна линија, може да се свати и како повик за култивирање на еден сосема поинаков етхос, етхос на себе-креирањето преку стратегиите на пречекорување и трансгресија, комбинирање и повлекување линии на движење кои ги пресекуваат и ослободуваат издвоените родови регистри на машкоста и женскоста. Се вели во текстот на кураторот Славчо Димитров за проектот ” Сета убавина мора да умре ” од авторот Велимир Жерновски.

“Ние сите мораме да делуваме во насока на менување на јавното мислење по однос на прашањата кои исклучуваат цели групи на луѓе од општествениот живот по најразлични основи. Инаку навистина не знам што би била нашата крајна цел. “

Потикнувањето, инспирацијата за обликот на твоето уметничко изразување ?
За „среќа“ или несреќa живееме во средина која ни го исполнува секојдневието со најразлични предизвици, можеби не толку типични за времето во кое живее остатокот од светот. Малку и јас сум заморен да го констатирам ова при секое интервју, но навистина контекстот во кој функционираме ни ги раздрмува сите темели на кои се заснова нашиот социјален, културен, интимен..живот. Така што инспирацијата никогаш не изостанува а пак што се однесува до обликот, секако дека е детерминиран од потребите и можностите и се разбира од амбицијата да се пренесат пораките до што поширок круг на публика. Уметниците ретко зборуваат за темите со кои јас се занимавам и сметам дека една поп димензија на проектите кои ги создавам е од особено значење во таа смисла.

Како гледаш на арт-активизмот како механизам за позитивни промени во општеството ?
Секако дека верувам во концептот на уметнички активизам, инаку зошто би се бавел со истиот. И не само што верувам и го практикувам, јас мислам дека секој кој се бави со јавна работа мора да зборува јавно за проблемите на оние на кои помош од било каков тип им е и повеќе од потребна. Ние сите мораме да делуваме во насока на менување на јавното мислење по однос на прашањата кои исклучуваат цели групи на луѓе од општествениот живот по најразлични основи. Инаку навистина не знам што би била нашата крајна цел. Па сигурно не го работиме она што го работиме само за да ги впишеме нашите имиња во некакви смешни историски контексти. Ние мораме да ја градиме таа историја, но да ја градиме на основи на солидарност, љубов и сочувство, друг пат јас не познавам и не знам кој друг пат би бил вреден да се изоди.
Што се обидуваш да изразиш преку овој проект ( сета убавина мора да умре ) ? Дали тоа е еден политички одраз на македонската реланост ?
Се трудам секој проект да биде политички аргументоран и за овој сум особено среќен што заедно со коалицијата ЗСПМЗ и се разбира кураторството на Славчо Димитров успеавме да создадеме модел кој навистина успеа да ги раздрма успаните секојдневија на народот. Инаку самиот проект има видлива повеќезначност уште на прв поглед и мислам дека тоа е тоа што го каректеризира. Ние немавме некоја конкретна и единствена цел која сакавме да ја постигнеме но имавме цел да ја разбудиме пред се љубопитност која би отворила простор за поинакви читања на секојдневието кое изобилува со агресија, маскулинизам и дискриминација по многу основи.
Дали си искусил цензура во твојата работа ?
Цензура во буквална смисла не ми се има случено и не знам во таква ситуација како би требало еден уметник да изреагира, иако не е дека не сме биле сведоци на цензури во поновата историја. Единствено би ги издвоил како мошне симптоматични известувањата на провалдините медиуми кои самите се истрчаа да се пофалат дека работеле на изнаоѓање на системи за цензурирање на мојот последен проект. Не е убаво тоа да се слушне кога од друга страна не убедуваат дека живееме во општество кое претендира да биде демократско и дека слободата на говор во ниту еден случај не е загрозена. Но ете секогаш некој ќе се обидува да ги замолчи оние кои зборуваат за теми кои на центрите на моќ не им се во интерес.