Овој краток документ има за цел да им обезбеди информации и препораки на сексуалните работници и организациите предводени од сексуалните работници за заштита од мајмунски сипаници, за да можат сексуалните работници да донесуваат информирани избори и одлуки.
Глобалната мрежа на проекти за сексуална работа (NSWP) ја истакнува важноста од овој документ со препораки за заедницата на сексуални работници, со цел да се превенираат мајмунските сипаници, особено по тешкиот период кој овие маргинализирани заедници го имаат доживеано за време на пандемијата КОВИД-19, како што е целосна загуба на приходите и зголемена криминализација, насилство и вознемирување. Како криминализирана популација, сексуалните работници беа непропорционално погодени од КОВИД-19, живеејќи во несигурни економски ситуации и исклучени од системите за социјална заштита.
Појавата на друга заразна болест со потенцијал да влијае негативно врз сексуалните работници покренува слични прашања и реалности кои мора навремено да се препознаат со цел и навремено да се превенираат, како што се:
- Сексуалните работници често немаат друг избор за работа и/или извор на приход за време на пандемија и често доживуваат загуба на приходите;
- Изложеноста или инфицираноста со мајмунски сипаници, доведува до нивно изолирање на подолг временски период што пак претставува огромен предизвик за сексуалните работници;
- Следењето контакти или споделувањето детали за контакти со клиентите често е нереално, непрактично или небезбедно за повеќето сексуални работници;
- Криминализацијата, стигмата и дискриминацијата создаваат дополнителни бариери за сексуалните работници во пристапот до сексуални и други здравствени услуги. Идентификувањето како сексуален работник (или алтернативно како геј маж), на пример, за да се прими вакцина, доколку е достапна за приоритетните популации, може да носи значителни дополнителни ризици.
NSWP во соработка со експерти од Светската здравствена организација го подготвија овој брифинг со цел да им се обезбедат на сексуалните работници најдобри, веродостојни, засновани на докази и нестигматизирачки информации од доверливи извори – за да можат да се заштитат себеси, своите семејства и своите најблиски од мајмунските сипаници.
Документот е наменет за организациите-членки на мрежата кои можат да ги користат информациите содржани во извештајот и да ги споделуваат помеѓу заедниците со кои работат, секако приспособени да одговараат на нивниот локален правен контекст, достапноста на локалната вакцина и здравствените услуги и секако да одговараат на начинот на кој тие комуницираат со заедниците на сексуални работници.
Преглед
Случаи на заразени со мајмунски сипаници, што преставува вирусна заразна болест, моментално се пријавуваат во земји каде што болеста претходно не била откриена. Ризикот од мајмунски сипаници не е ограничен на една заедница или одредено место. Секој што има близок контакт со некој што е заразен е изложен на ризик.
Повеќето луѓе од дијагностицираните случаи со мајмунски сипаници во новозафатените земји најчесто се идентификувани во заедници на геј, бисексуалци и други мажи кои имаат секс со мажи кои имале неодамнешен сексуален контакт со нов партнер или повеќе партнери. Заедниците на трансродовите луѓе и луѓето со различен родов идентитет се исто така изложени на висок ризик од мајмунски сипаници.
Епидемијата со мајмунски сипаници е загрижувачка, особено за луѓето кои се со нарушено здравје, нивните партнери, семејства и заедници, како и за луѓето чија работа бара близок контакт со други, вклучително и сексуалните работници. Многу сексуални работници ќе се борат финансиски ако не можат да работат, ако избегнуваат близок контакт со клиенти кои имаат мајмунски сипаница или додека се изолираат затоа што се сомневаат или потврдиле дека имаат мајмунски сипаници. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваат сексуалните работници во кризни ситуации, стануваат уште поголеми, кога нема социјална заштита или финансиска поддршка достапна од нивните влади за овие категории на луѓе.
За време на пандемијата КОВИД-19, повеќето организации предводени од сексуални работници воспоставија шеми за взаемна помош за излез од кризата. Слични шеми и политики може да бидат можни во секоја земја ако организациите почнат да развиваат фондови за одговор при итни случаи за новите здравствени кризи кои ги спречуваат сексуалните работници да заработуваат. Идентификувањето, воспоставувањето и подигнувањето на свеста за овие политики е од суштинско значење за да се создаде средина во која сексуалните работници ќе можат да се заштитат себеси и другите од пренесување на вирусните болести.
Која е намената на овој документ?
Овој документ вклучува јавни здравствени совети за сексуалните работници со различен родов идентитет за заштита на себеси и другите од мајмунски сипаници. Наменет е за употреба од страна на сексуалните работници, организации предводени од сексуални работници, застапувачи за правата на сексуалните работници, даватели на здравствени услуги (особено оние кои обезбедуваат услуги за сексуално и репродуктивно здравје) и организации кои работат на промовирање на здравјето на сексуалните работници.
Информациите во овој документ може да се користат како основа за формални и неформални разговори помеѓу заедницата, информативни сесии за сексуалните работници, за тоа како да се заштитат себеси и другите. Информациите вклучени во документот може и треба да се приспособат на локалниот контекст и поставувањето на сексуалната работа во зависност од потребите на заедницата.
Клучни точки:
– Мајмунските сипаници се вирусно заболување кое може да предизвика осип, и други симптоми како треска или болки во телото.
– Мајмунските сипаници се пренесуваат преку физички контакт, допирање, бакнување како и преку орален, вагинален и анален секс.
– За да се заштитите себеси и другите:
- Знајте ги симптомите и редовно проверувајте се;
- Водете отворени разговори со блиски контакти каде што е безбедно да го направите тоа;
- Избегнувајте близок контакт со некој за кој знаете дека има мајмунски сипаници;
- Побарајте здравствен совет и тестирајте се ако сте биле изложени или имате симптоми;
- Изолирајте се ако имате мајмунски сипаници, секогаш кога е можно;
- Вакцинирајте се ако ви е достапнa вакцина во вашата земја.
– Имањето или изложувањето на мајмунски сипаници воопшто не е срамно. Секој може да се зарази со мајмунски сипаници. Ајде да се грижиме едни за други и заедно да се заштитиме од мајмунските сипаници.
Целокупниот документ е достапен во ПДФ формат, на англиски јазик: Брифинг документ: Совети за јавно здравје за заштита од мајмунски сипаници кај сексуалните работници.