Марш на црвениот чадор

Тадиционално, СТАР – првиот колектив на сексуални работници по 11-ти пат го организира Маршот на црвениот чадор, приклучувајќи се кон глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. 

СТАР заедно со своите поддржувачи и активисти се приклучува кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

Со пораката: “ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА СЕГА!“ ги охрабруваме институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на сексуалната работа. Ние и сексуалните работници сметаме дека декриминализацијата на сексуалната работа претставува најдобра политика за унапредување на здравјето, благосостојбата и човековите права на сексуалните работници. Овие заложби се засноваат врз потребите на сексуалните работници за заштита на нивните права, за создавање на безбедните услови за живот и работа, како и превенција од насилство и експлоатација.

МАРШ НА ЦРВЕНИОТ ЧАДОР
ПОНЕДЕЛНИК, 17-ТИ ДЕКЕМВРИ, 12:00 ЧАСОТ
МЕСТО: НА ПЛАТОТО ПРЕД СПОМЕН КУЌАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА НА УЛИЦА МАКЕДОНИЈА 

Иницијативата за одбележување на овој ден доаѓа од д-р Ени Спринкл со една единствена цел – поддршка на сексуалните работници од САД, како ден на кој се оддава почит на жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Убиецот изјави: „Сакав да убијам колку што можев повеќе. Знаев дека никој нема веднаш да ги пријави за исчезнати, па дури можеби и никогаш нема да бидат пријавени. Собирав проститутки затоа што мислев дека можам да убијам колку што сакам од нив без да бидам фатен”. Гери Лајон Ридвеј беше осуден на доживотна казна затвор и му беше изречена парична казна во висина од 10000 долари за секоја убиена жртва на 18-ти декември 2003 година.

Ние, сексуалните работници заедно со нашите поддржувачи ВЕ ПОВИКУВАМЕ и оваа година да се приклучите кон Маршот на црвениот чадор и да станете дел од нашите заложби за регулација на сексуалната работа во Македонија, како и за искоренување на насилството врз сексуалните работници. Ние нема да престанеме да маршираме се додека на сексуалните работници не им бидат гарантирани безбедни услови за работа и целосно уживање на човековите права.

Tags: , ,