Благодарност за поддршката и медумската професионалност

На 17 декември, во Македонија беше одбележан Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. Маршот на црвениот чадор, беше централен настан во Глобалното приклучување кон солидарност со сексуалните работници, барајќи подобри услови за работа и свет без насилство.
Дозволете, организаторот СТАР-СТАР да им се заблагодари на сите кои беа активно вклучени во реализација на оваа кампања. Искрена благодарност испраќаме до нашите партнерски организации кои ни дадоа безрезервна поддршка и до сексуалните работници кои собраа храброст да истапат од сенките на маргините, и да застанат во првите редови на маршот.

Почитувани претставници на медиумите,
Маршот на црвените чадори предводен од сексуалните работници, и годинава беше проследен од 40-тина медиуми, вклучувајќи телевизиски канали со национална концесија, интернет портали, дневни весници и останати медиуми.
Дозволете СТАР-СТАР да Ви се заблагодари за интересот и масовната медиумска застапеност на Маршот на црвените чадори, кој традиционално го организираме по повод 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Исто така, би сакале да изразиме особена благодарност за начинот на известување, кој сите медиуми без исклучок, ги прикажа сексуалните работници кои учествуваа на маршот достоинствено и со почит. Дополнително, во сите телевизиски прилози, истражувачки стории, фото репортажи и новинарски текстови во дневни весници и интернет портали, се обрна особено внимание при сокривањето на нивниот идентитет, се користеше политички коректна терминологија и непристрасно се известуваше за настанот.
Со ваквиот интерес и високопрофесионално известување, чест ни е што можеме да Ве сметаме за наши сојузници во залагањето за почитувањето на основните човекови права, сензибилизацијата на општата популација и обезбедувањето услови за работа во кои би се минимизирало насилството врз било која категорија на луѓе, без оглед на нивната професионална, полова, родова, верска или политичка определба.
СТАР-СТАР, во име на заедницата на сексуални работници во Македонија силно аплаудира на професионалноста и објективноста на сите медиуми.