Националната мрежа против хомофобија и трансфобија оваа година ќе го одбележи Интернационалниот ден за борба против хомофобија на 18 мај (недела) во Градскиот Парк

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија оваа година ќе го одбележи Интернационалниот ден за борба против хомофобија на 18 мај (недела) во Градскиот Парк.
Од пладне до 16.00 часот во градскиот парк активистите од Мрежата ќе организираат јавен настан на кој ќе побараат измени и дополнувања на анти-дискриминацискиот закон со внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во членот 3 меѓу останатите основи на дискриминација.

Флеш моб како промо за настанот во недела
Флеш моб како промо за настанот во недела

Од оваа мрежа потсетуваат дека Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) донесен 2010 година како основи за дискриминација во член 3 не ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Законот во оваа форма беше предмет на дебата и предизвика реакции на незадоволство на здруженијата кои ги застапуваат правата на ЛГБТИ заедницата и нивните поддржувачи. Исто така меѓународната јавност посочи на потребата од јасно дефинирање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминаторски основи со што би се овозможила недвосмислена заштита на ЛГБТИ лицата.

Четири години по донесувањето на ЗСЗД, потребата за заштита на ЛГБТИ заедницата од дискриминација и насилство е сé поочигледна. Имено, Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) заклучува дека ЛГБТ популацијата е жртва на дискриминација мотивирана од омраза, сторена преку изјави или однесувања на поединци со кои се нарушува достоинството на едно лице или група на лица, велат од мрежата.

Во 2013 година, Македонија доби 13% на Rainbow мапата на ИЛГА-Европа , односно најниска оцена во регионот за состојбата на човековите права на ЛГБТИ лицата.

Активистите за ЛГБТ права ги повикуваат сите граѓани и граѓанки да се приклучат на настанот, да се забавуваат со DJ сетовите на Соња Исмаил, Зоки Бејбе и Мирко Попов и заедно да кажат НЕ! на хомофобијата, трансфобијата, дискриминацијата, говорот на омраза и насилството врз лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните и интерсексуалните луѓе.